Ристо Аврамовски (1943 – 2007) е композитор, роден во с. Селци, Струга. Музичкото образование го започнал уште во раното детство, со часови по виолина во Нижото музичко училиште во Прилеп. Потоа продолжил во Средното музичко училиште во Скопје, каде што продолжил да учи да свири на виолина истовремено запознавајќи се и со тајните на компонирањето. Студирал на Музичката академија во Белград, каде што дипломирал на одделот за композиција.
Работел како музички продуцент и уредник во Македонската радио-телевизија, а дал голем придонес и во работата на најзначајните македонски фестивали од областа на уметноста „Охридско лето“, „Денови на македонската музика“ и др.
Ристо Аврамовски е композитор чие творештво ги содржи речиси сите жанрови. Напишал над 150 дела, меѓу кои вокално-инструментални композиции, оркестарски, хорски, камерни, солистички, музичко-сценски, песни за деца, музика за филм и ТВ итн. Неговите композиции се изведувани на најголемите фестивали во Европа, а голем дел од неговите дела се печатени во странство (Лајпциг и Москва). Меѓу најзначајните дела што ги напишал се оркестарските композиции „Библиофонија“, „Психофонија“, циклусот „Четири годишни времиња“, оперите „Болен Дојчин“ и „Лидија од Македонија“ итн.